Билјанините извори настанале од солзите на Билјана
Нема Македонец кој не ја знае преубавата песна „Билјана платно белеше“ за девојката која го перела платното на бистрата изворска вода. Кога долгото бело чисто платно го оставила да се суши на песокот, поминал караван од винари, па таа нежно ги замолила да внимаваат, да не го изгазат и извалкаат.
Песната за Билјана е дел од македонската култура, но дали ја знаете старата легенда за настанокот на Билјанините извори во Охрид?
Легендата која ја раскажуваат охриѓани вели дека во дамнешни времиња со езерото царувала вилата Езерка, која им се лутела на рибарите кои ловеле риби, ги превртувала нивните чамци и уловениот плен го враќала назад во езерската вода.
Езерка била завидлива и осамена, a еден ден на брегот на езерото ја здогледала убавата Билјана, па ја грабнала и ја однела во својот дворец среде езеро. Исплашената Билјана, далеку од своите, цела ноќ плачела, па од нејзините солзи се родиле изворите кои до денес го носат името Билјанини извори.
За да ја спаси од лошата вила, дедото на Билјана, Чун, изградил посебен чамец кој можел да го издржи превртувањето од Езерка и брановите. Од една страна веслале 6-7 луѓе, а само еден крмел. Со тој чамец успеал да ја спаси внука си од дворецот на Езерка. Во чест на дедо Чун, тој вид на чамец го носи неговото име.