Современа историја на Охрид
Охридската околија за време на Првата балканска војна била поделена од страна на Србија и Бугарија на два дела: еден кој припаднал под српска власт и друг чиј статус требало да се решава по крајот на војната. Српската војска во Охрид влегла на 22 ноември 1912 година. Во војната се вклучиле и голем број охриѓани со надеж дека Македонија ќе биде ослободена.
Поради незадоволсвото од потпишувањето на Букурешкиот мировен договор и поделбата на Македонија, во септември 1913 година во Западна Македонија (Дебар, Охрид, Струга) е кренато востание, познато како Охридско востание. На 12 септември четите на Петар Чаулев и Павле Христов влегле во Охрид. Српската војска и администрација била протерана од Охрид, било свикано собрание и била формирана привремена управа, во која влегле: Лев Огненов, Иван Групчев, Павел Христов, Лев Кацков, Петар Филев и други истакнати граѓани. На 19 септември селата во Охридско биле освоени и опожарени од страна на српските чети, а четите на ВМРО се повлекле на запад кон Голо Брдо.
За време на Првата светска војна, Охрид и Охридско потпаднале под бугарска власт. За време на оваа окупација извршени се бројни ограбувања и однесени се предмети, книги и друго материјално богатство што се векови сведочело за достигнувањата на Охридската архиепископија. По пробивот на Македонскиот фронт во септември 1918 година, силите на Антантата ги поразиле бугарската и германската војска, така што тие ја напуштиле Македонија.
Охрид за време на Втората светска војна се наоѓал под бугарска окупација. Партизанските единици го ослободиле градот на 15 октомври 1944 година, но за кратко време, бидејќи биле под притисок на германските сили, тие се повлекле. По борбите меѓу партизаните и германските сили ноќта меѓу 7 и 8 ноември градот е ослободен.
Во 1958 година во црквата „Света Софија“ бил одржан Вториот македонско црковно-народен собор на кој била донесена одлука за возобновување на Охридската архиепископија и истата да го носи името Македонска православна црква. На Третиот македонски црковно-народен собор, кој исто така се одржал во црквата „Света Софија“ во 1967 година била донесена одлука за прогласување автокефалност на Македонската православна црква.