Османлиски период во Охрид

Кон самиот крај на XIV век турскиот султан Бајазит I успеал речиси насекаде во Македонија да ја наложи својата власт. Во 1408 година, Охрид потпаѓа под власта на Османлиите и наредните пет века опстојува како дел од тогашната Отоманско Царство. Турците, по своето доаѓање во овој крај, се населиле во рамничарскиот дел на исток и на запад од градот, додека поугледните и побогатите турски бегови изградиле и свои живеалишта покрај езерскиот брег, надвор од тврдината, во месноста Трсија.

Султанот Мехмед II во 1466 година наредил во Цариград[nb 1] да бидат депортирани охридскиот архиепископ Доротеј, заедно со многу охридски клерици и болјари, најверојатно поради нивното антиосманлиско дејствување за време на востанието на Скендербег.

Познатиот турски патописец Евлија Челебија кој го посетил Охрид во 1670 година, во својот патопис за овој град забележал: „Градот е добро населен, со рајски мирис, исто како градот Дамаск. Куќите му се приземни и на кат, со оформени седумнаесет маала (десет муслимански и 7 христијански). Куќите на големците се наоѓаат покрај езерото. Во градот има 17 муслимански храмови (големи и помали џамии), неколку медреси, седум мектеби, две јавни бањи, три трговски ана…Чаршијата е расфрлена на четири места со околу 150 трговски и занаетчиски дуќани“.

Во 1767 година била укината Охридската архиепископија.

Автохромна фотографија на улица во Охрид во 1913 година

Основањето на првиот комитет на ТМОРО во Охрид се случило во август 1894 година. Пролетта 1901 година се пристапило кон создавање на чета со враќањето на неколкумина печалбари. За време на Илинденското востание во Охридско се воделе непрекинати борби во текот на целиот месец август 1903 година. Во време на востанието во Охридско имало 31 борба. Четите од Илинденското востание својата борба ја продолжиле и во текот на Младотурската револуција во 1908 година.